Во Канада регистриран првиот случај на заболување од вејпинг

Канадските лекари го пријавиле првиот случај на тешко белодробно заболување поврзано со употребата на електронски цигари или ткн „вејпинг“, пренесува телевизијата CTV.

Кај пациентот на училишна возраст во Лондон, во покраината Онтарио, била дијагностицирана сериозна респираторна болест, и бил приклучен на систем за одржување во живот. Младиот пациент пушел речиси секојдневно електронски цигари, и немал други здравствени проблеми од претходно.

„Нема други причини… Единствениот проблем кој се појави е во тоа што тој пушел електронски цигари. Колку што знаеме, ова е прв случај на заболување поврзано со вејпинг во Канада“, изјавил за телевизијата лекарот Кристофер Меки.

Истовремено властите во Онтариот ветија дека ќе започната со следење на влијанието врз здравјето на луѓето од употребата на електронските уреди за пушење. Покраинската министерка за здравство, Кристин Елиот, издаде уредба со која се бара сите јавни болници во Онтарио да обезбедат статистика за белодробните заболувања кои се поврзани со вејпингот.

Во САД неодамна беше регистриран седмиот смртен случај како последица од употребата на електронските цигари. Веројатна причина за заболувањето кај пациентот е маслото со витаминот Е. Стручњаците од сојузната Управа за храна и лекови (FDA), исто така, ја откриле оваа супстанција во мешавини со марихуана кои ја пушеле заболените. Сепак, претставниците на министерството за здравство предупредуваат дека е прерано да се даваат конечни заклучоци.