
Поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева останува во притвор, откако судијата на претходна постапка ја одбил понудената гаранција во имот, а обвинителката Вилма Русковска дала негативно мислење.
Заради интерес на повеќе медиуми, ја информираме јавноста дека, до судија на претходна постапка кој постапува по предлог на одбрана на К.Ј. за укинување на мерката притвор и определување гаранција, денеска е доставено негативно мислење од Основнот јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција по однос на предлогот. По разгледување и ценење на предлогот и мислењето од надлежното обвинителство, судија на претходна постапка донесе решение со кое предлогот за укинување на мерката притвор со определена гаранција се отфрла како недозволен, а предлогот за определување мерки за претпазливост се одбива како неоснован, соопшти Основниот кривичен суд Скопје.
Во средата Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје 1 Скопје, постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција за продолжување на мерката притвор определена со решение на судија на претходна постапка од 21.08.2019 година за Јанева, по разгледување и ценење на предлогот, донесе решение со кое го уважи предлогот и ја продолжи мерката притвор за нови 30 дена заради постоење на основите од член 165 ст.1 т.1 и 2 од ЗКП.
Во однос на поднесениот предлог од одбраната на Јанева за укинување на мерката притвор и определување поблага мерка за обезбедување присуство со понудена гаранција доставена до судија на претходна постапка, тој беше испратен на мислење кај надлежен јавен обвинител.