
„Лозарите се во очајна ситуација поради условите кои што се предизвикани од страна на Владата предводена од СДСМ и Зоран Заев“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во Неготино.
Тој се сретна со лозарите од овој крај, откако претходно оствари средби и со лозари од Кавадарци и Росоман.
„ВМРО-ДПМНЕ во рамки на програмата ‘Oбнова за Македонија’ ќе предвиди вистински решенија за реалните проблеми на лозарите овде во Тиквешијата, а со самото тоа ќе се зголеми и квалитетот на нивниот живот“, рече Мицкоски.
Додаде дека имал можност да разговара со лозари од целата Тиквешија, без разлика на нивната политичка припадност или неопределеност.
„Сите оние политичарите кои што ги делат лозарите, а и земјоделците во Република Македонија на подобни и неподобни за власта мислам дека прават огромна грешка, а таа грешка ќе им се удри од главата веќе на следните предвремени парламентарни избори. ВМРО-ДПМНЕ ја почитува маката на земјоделците, ја почитува секоја капка пот на нивите, а таа почит ќе ја преточи на лист хартија во програмата за Обнова на Македонија, а веднаш потоа во првите 100 дена од новата влада ќе се вклучи во решавање на истите тие проблеми“, додаде Мицкоски.