Лукаревска: Досега се скенирани околу 20 милиони фискални сметки

Директорката на Упрвата за јавни приходи, Сања Лукаревска, денеска на прес-конференција оцени дека мерката „Мој ДДВ“ ги дава резултатите за целите за кои е воведена, намалување на сивата економија и враќање на парите на граѓаните.

Заклучно со 19 септември скенирани се 19,905,878 фискални сметки, остварен е промет од 10,073,372,640 денари, вкупниот ДДВ изнесува 1,093,180,972 денари, додека повратот на 15 проценти од платениот ДДВ изнесува 163,977,146 денари или 2.666.000 евра.

„Во првите два месеца од воведувањето на МојДДВ, јули и август, наплатата на ДДВ е зголемена за 10 проценти во однос на минатата година. Податоците говорат и дека вкупната наплата на даноци од година во година расте. Наплатата на вкупниот даночен приход во 2019 година заклучно со август изнесува 53,4 милијарди денари што е за 9,2 милијарди денари повеќе , односно за 20.08 отсто повисока во однос на истиот период во 2015 -та година“, рече Лукаревска.

Таа истакна дека повратот на ДДВ кон фирмите се врши редовно и неселективно кон секој даночен обврзник, така што во 2019 заклучно со август извршен е поврат за 49.7 отсто повеќе во однос на 2016 година.

За граѓаните, додаде Лукаревска, овозможени се едноставни и лесни процедури при пријавувањето на годишни даночни пријави преку воведувањето на електронскиот систем е-ПДД.

„Оваа година УЈП за прв пат ги изготви Годишните даночни пријави на граѓаните кои се регистрирани на системот е-Персонален данок. Со оваа реформа граѓаните се ослободени од административните процедури и долгото чекање на шалтери, а исто така имаат увид во своите приливи, платени или неплатени придонеси како и можност за коригирање на податоците од дома. Со овој процес се олесни и се скрати постапката за пресметка и се елиминира можноста за настанување на грешки при уплата на данокот и можноста за појава на непрокнижени или погрешно прокнижени уплати на данокот“, додаде Лукаревска.