Нина Ангеловска меѓу седумте жени претприемачи на дигитална трговија на ОН

Министерката за финансии Нина Ангеловска е една од седумте жени претприемачи во светот, избрана за „Жена-амбасадор на е-трговијата“ од Обединетите нации. Во рамки на 74-то Генерално Собрание на ОН, кое ќе се одржува од утре до 26 септември во Њујорк, Ангеловска ќе биде промовирана како една од првите „жени-амбасадори на е-трговија“.

Како што соопшти владината прес-служба, станува збор за уникатно признание кое го доделува телото на ОН за трговија, инвестиции и развој УНКТАД (Конференција на ОН за трговија и развој), во рамки на иницијативата „Е-трговија за сите“.

Жените-амбасадори на е-трговија ќе им се придружат на светските лидери во разгледувањето на досегашните резултати од имплементацијата на Агендата 2030 – Цели за одржлив развој на Обединетите нации и ќе дискутираат за унапредување на оваа агенда.

Покрај министерката Ангеловска, која ова признание го добива како коосновачка на Групер.мк, првата дигитална платформа за е-трговија од овој тип во Република  Македонија, останатите избрани „амбасадорки на е-трговија“ се: Ксиаофеи Јао од Кина, основачка и извршна директорка на Rogrand, Клаудија де Хередиа од Мексико коосновачка и оперативна директорка на Kichnik, Хелианти Хилман од Индонезија, основачка и извршна директорка на Javara, Назанин Данешвар од Иран, основачка и извршна директорка на Takhfifan и Кларис Ирибагица од Руанда, основачка и извршна директорка на DM.HeHe.

Инаку, целта на иницијативата на УНКТАД – „е-трговија за сите“ е да придонесе во креирањето политики во националните и меѓународните дијалози во насока на еманципација и развој на способностите на следната генерација на жени-претприемачи. Таа е предводена од УНКТАД, а поддржана и од владата на Холандија.