Верушевски тврди дека по неговото апсење ‘бомбите’ биле ‘страотно модификувани и компромитирани’

Поранешниот функционер во македонскот разузнавање Зоран Верушевски, за кого разузнавачите од Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Ѓорѓи Лазаревски и Ѕвонко Костовски тврдеа дека нелегалните прислушувани разговори во УБК ги снимале тајно и на цедиња и усб му ги давале нему, на денешното кусо сведочење во Кривичниот суд ги негираше нивните тврдења и изненадувачки рече дека тие претрпеле „модификации и компромитирања“

Верушевски ја негираше својата вклученост во преземањето на ткн „бомби“ кои ги емитуваше тогаш опозоцискиот СДСМ, тврдеше дека не нему, туку тие записи им биле давани на челниците на социјалдмократите, а тој „само ги обработувал“.

„Не обезбедував јас никакви разговори, или други документи. Сѐ што се слеваше како документација во партијата, беше моја обврска, за лидерството да гради политичка стратегија“, тврдеше Верушевски, кој е четвртиот сведок во „Тврдина-Таргет“ сличајот за масовното нелегално прислушување.

Верушевски рече дека во 2010 година ги добил првите информации за „бомбите“.

„Кон крајот на 2010 година се првите информации кои сум ги добил поврзани со овој случај. Во тој период бев одговорен за безбедносната политика на СДСМ и информациите од ваков карактер беа обврска за анализа. Се правеа тактички анализи. Ги користеше лидерството за своите стратешки одлуки и политики“, рече Верушевски.

Кажа и дека останува на исказот што го дал пред обвинителот за гонење организиран криминал и корупција во случајот „Пуч“.

На барање на обвинителот Артан Ајро да посочи на што точно се сеќава, Верушевски рече дека „сè убаво објаснил“ во исказот кој го дал по неговото апсење. Овој исказ инаку не е познат за судиите на „Тврдина-Таргет“, но сведокот остана на одговорот.

Верушевски кажа дека бил одговорен за безбедноста во СДСМ и дека добил чувствителни информации со кои постапувал.

„Најчесто документацијата доаѓала по други структури на партијата СДСМ. Ги управував документите во одделот за безбедносна политика сѐ до моето лишување од слобода. До моето лишување од слобода, таа обврска во целост ја исполнив и сите информации кои доаѓаа до партијата го имаа истиот третман. По моето лишување од слобода документите се надвор од мојата одговорност“, се огради Верушевски.

Негираше и дека некакви материјали му предал Ѓорѓи Лазаревски. Рече дека одговорноста за материјалите била на СДСМ.

„Комуникацијата ја прекинав во 2016 година поради неговите искази дадени во истрага против мене и мојата сопруга, кои во целост беа невистинити. Лазаревски беше едно од повеќето лица кое доставуваше документација во партијата“, рече Верушевски.

На прашањето на обвинителот дали нему лично Лазаревски му предавал документација, Верушевски рече дека комуникацијата со СДСМ неидентификувано лице ја започнало додека тој бил на служба во странство,

„Тоа лице имаше започнато комуникација со партијата уште пред моето доаѓање во Македонија од Италија и продолжив да комуницирам до 2014 година. Да биде јасно, таквата документација била во партијата. Документацијата цело време беше во партијата и со неа управуваше лидерот на партијата“, рече Верушевски.

Верушевски рече дека до неговото апсење го знаел точниот обем на документацијата, но потоа немал контрола.

„Факт е дека таа документација доживеа страотни модификации и компромитирања. Зборувам после моето лишување од слобода“, рече Верушевски, на изненадување на присутните во судница.

На прашањето на обвинителот, дали за содржината на бомбите раговарал со Црвенковски и Заев, Верушевски рече дека двајцата „во целото време на нивното лидерство имаа увид во документацијата“, како и дека „стратешка одлука беше на Црвенковски како ќе ја користи, а потоа и на Заев“.

Не знаеше колку системи за прислушување во УБК имало, а како што рече не може да каже дали материјалите произлегувале од нелегално прислушувани материјали.

„Потеклото и креацијата на документацијата може да ја даде надлежна институција со вештачење. За политичката партија таквата амбиција не е достижна, ниту е поставена како реалност. Амбицијата на одделот со кој управував беше да обезбеди валидни документи со кои партијата ќе го оспори легитимитетот на власта“, рече Верушевски.

Следното рочиште за овој предмет е закажано за 10-ти октомври, кога одбраната треба вкрстено да го испрашува Зоран Верушевски.