
Во наредните недели ќе се дефинира списокот кои амбасади на земјава во странство ќе бидат затворени. Во моментот има 27 испразнети дипломатски позиции. Според анализата изготвена од МНР, постои предлог да бидат затворени најмалку четири амбасади, вели во интервју за ТВ Сител претседателот Стево Пендаровски.
Пендаровски рече дека во завршна фаза се разговорите со релевантите министри и со Владата, и во наредните недели ќе го заокружат списокот, и ќе се обидат да затворат најголем дел од овие 27 испразнети амбасадорски места.
– Постои една анализа што ја нарачав од МНР веднаш штом дојдов за претседател, да ми дадат функционална анализа како работи нашата дипломатско-конзуларна мрежа. Таму има предлог за затворање на четири, петтата е под знак прашање, четири амбасади минимум, каде што ние немаме голем резон да останеме со дипломатско присуство, рече Пендаровски.