Талевска: Мора да запре прогонот врз медиумите

Пред зградата на Обвинителството, денеска новинари протестираа во знак на  поддршка на новинарот на Инфомакс, Александар Митовски, но против загрозувањето на медиумската слобода.

Протестот го организираше Македонската асоцијација на новинари (МАН) откако обвинителството поднесе обвинителен предлог против новинарот поради објавување на записник од исказ за случајот „Рекет“.

Објавувањето на содржината од исказот пред ЈО уследи откако ЈО во неколку наврати даваше лажни информации дека во исказите на пријавителот и сведоците не се спомнуваат политичари и дека новинарите шпекулираат и лажно ја известуваат јавноста со информации дека повеќе лица од политичкиот врв на власта се вмешани директно и индиректно во рекетирањето бизнисмени од скандалот Рекет, односно откако републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовевски децидно тврдеше дека се шират лажни вести за тој случај.

Во знак на револт, на протестот новинарите симболично донесоа микрофон со полициски лисици на него.

Претседателката на МАН, Ивона Талевска, порача дека треба да се сопрат притисоците врз медиумите

„Одговорете со збор а не со притисок, се однесува на заштита на новинарските права и слободи. Се водат над 60 предистраги, обвинениеја и процеси над медиумите. Во Република Македонија просекот против слобода на медиумите е 52 отсто. Ова мора да запре. Македонската асоцијација на новинари ги поддржа и протестите за Томислав Кежаровски. Добивме поддршка од Бугарија, Србија, Косово, Албанија. Прогонот на медиумите мора да запре. Благодарение за ова Обвинителство, Македонија заедно со Турција е критична точка за медиумските слободи на ниво на Европска Унија, истакна Талевска.

Александар Митовски, новинарот од „Инфомакс“, посочи дека треба сите медиумски работници да застанат заедно и да кажат дека е доста од притисоци. Обвинителниот предлог против него, тој го квалификува како порака е да се замолчат новинарите и да се укине слободата на говорот.

Додека траеше протестот, полициски службеници дојдоа во редакцијата на НетПрес по наредба, како што рекоа, на јавен обвинител.

Тие извршија разговор со главниот уредник на НетПрес, Дејан Николовски, а во врска со објавен текст за случајот со тендерот на Mакедонскиот систем за воздухопловна навигација (М-Нав) за набавка на нов систем за контрола на летање, вредна околу седум милиони евра.

НетПрес за овој случај во декември, лани, објави серија текстови поткрепени со документација. Инспекторите на МВР од главниот уредник бараа информација од каде се добиени документите.

Според документот од Обвинителството, за случајот во тек е кривична постапка за кривично дело Оддавање и неовластено прибавување на деловна тајна по член 281 од Кривичниот законик.