Ќе има зголемување на платите на наставниците, но не сега

„Досега покажавме дека сме заинтересирани за подобрување на материјалниот статус на вработените во образованието и имаме кредибилитет кога велиме дека ќе има идно зголемување на платите, но колкав ќе биде процентот и од кога ќе почне да се имплементира тоа зголемување зависи од разгледувањето на параметрите. Ни треба малку време, бидејќи сѐ уште не сме почнале во Владата да дискутираме за буџетот за идната година. Треба да ги направиме проекциите и заедно да одлучиме за идното зголемување на платите на наставниците“, изјави министерот за образование и наука Арбер Адеми.

„Септемвриската плата на наставниците годинава споредено со августовската плата во 2018 година, е зголемена за 10,8 проценти, потсети тој, а првпат по неколку години и во високото образование и во научните институти платата е зголемена за пет проценти3, одговарајќи на новинарско прашање пред отворањето на меѓународниот собир по повод 60 години постоење на Катедрата за италијански јазик и книжевност при Филошкиот Факултет „Блаже Конески”.

Во врска со најавата за генерален штрајк на СОНК за идниот месец и дали имаат волја да го одложат додека не се договорат, Адеми рече дека донесувањето одлука една недела порано или една недела подоцна не треба да влијае и да има некакви последици врз организирањето на образовниот процес, додавајќи дека двете страни би требало да имаат заемно разбирање.