
Синдикатот на градежни работници реагира дека тендерот за изградба на новиот Клинички центар се токми да се даде на странска компанија со што се нанесува штета на домашните компании и градежните работници се оставаат на улица.
Иако тендерот не е објавен, синдикалците реагираат превентивно на два услови. Првиот е што се бара да имаат изградено таков објект во изминатите 10 години, а вториот да дадат гаранција од 250 милиони евра.
– Овие услови не може да ги исполнат домашните компании, но тоа не значи дека немаме фирми кои може да го изградат Клиничкиот центар. Гранит и Бетон градат вакви објекти во странство. Не треба тендерските услови да се тенденциозни за работата да ја добие една странска компанија – вели Иван Пешевски, заменик претседател на синдикатот за градежништво.
Тој вели дека нема информации за која компанијата се мести тендерот. Инаку изградбата на новиот клинички центар ќе се финансира со кредит од странски банки и ќе чини 500 милиони евра.