
Општина Охрид продолжува со уривањето на дивоградбите, за да не го загуби статусот на заштитено подрачје од УНЕСКО. Веќе втора недела тече акцијата за уривање, а некои од сопствениците на платформите крај брегот на Езерото и самите почнаа да ги одстрануваат терасите навлезени во водите.
Таков потег повлече сопственикот на „Аквариус“ кој самиот ја одстрани платформата. Тоа не го сторија и другите, па денеска со асистенција на полицијата се одстрануваат и терасите од угостителските објекти „Момир“ и „Ликвид“. Улицата која води кон овие објекти на брегот од Езерото е затворена од полицијата со образложение дека се изведуваат градежни работи.
По одстранувањето на нелегално изградените платформи општината Охрид ќе изготви трошковник и истиот ќе им го достави да го платат сопствениците на угостителските објекти.