
„Зад продажбата на новата градска куќа од страна на Петре Шилегов се крие основан сомнеж за криминал“, изјави на прес-конференција, Ирена Попова – светник oд ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје.
Таа рече дека градоначалникот новиот купувач на градската куќа ќе го почасти гратис земјиште и нула износ на комуналии.
„Фрапантно е што Шилегов новиот купувач на градската куќа ќе го части со гратис бесплатно земјиште и нула денари комуналии за градот Скопје. Имено градската куќа беше планирана како објект каде ќе биде сместена градската администрација, и за таа цел Градот искористи државно земјиште, а градбата беше ослободена од комуналии. Сега Шилегов ќе го почасти новиот купувач и газда со гратис бесплатно земјиште и комуналии“, рече Попова.
Таа додаде дека продажбата ќе се одвива преку негативна електронска аукција што значи дека цената на продажбата може и да паѓа.
„Сумата која е инвестирана ќе биде повисока од цената по која ќе се продаде, а Скопје ќе бележи загуба. Објаснувањата на Шилегов дека сега се сетил дека градбата е нефункционална се излитен параван зад кои се крие сомнеж за криминални интереси. Ако било тоа така зошто овој градоначалник вложи и инвестираше 3 милиони евра за довршување на објектот. Значи Шилегов според неговите зборови дозволил инвестиција во објект кој за него е нефункционален и тоа изнесува 3 милиони евра“, рече Попова и оцени дека ова е нова „бомбона бизнис“ во која некој значително ќе се офајди.