
Министерството за внатрешни работи ја демантира информацијата објавена во текст на „Нетпрес“ дека 1.000 полициски службеници во моментот користат неплатен одмор, а уште 4.000 бараат, но, во демантот всушност не даваат одговор за точната бројка, ако оваа не е вистинита.
„Нетпрес“ пред пет дена, побара официјален одговор за тоа колку вработени во МВР во моментот се на неплатен одмор, а колку имаат поднесено барање за користење на вакво неплатено отсуство. Одговор не добивме, па остана текстот да се поткрепи според неофицијални, но, веродостојни извори кои сведочеа за темата.
Демантот на МВР ви го пренесуваме во целост:
„Министерството за внатрешни работи најостро ги демантира дезинформациите објавени од порталот Нетпрес, а пренесени од неколку други портали во кои се изнесува лажна вест дека наводно 1.000 редовно вработени полицајци во МВР моментно се на неплатен одмор, а уште 4.000 го побарале истото и чекаат одговор од надлежните. Информацијата е апсолутно неточна. Бараме овие портали да ја повлечат веста и да се извинат за ширењето лажни вести со кои се обидуваат да внесат вознемиреност и загрозување на чувството на безбедност кај граѓаните. Бараме и од новинарските организации соодветно да реагираат на лажната вест со која се внесува вознемиреност и паника кај граѓаните. МВР има доволно полициски службеници за извршување на своите надлежности и апсолутно во ниту еден момент ниту се дозволило ниту пак ќе се дозволи било каква друга состојба“.