
Најдобриот македонски сатиричар на сите времиња, Васил Толевски, оваа година бележи блескави резултати на меѓународната сцена. Покрај победата во Плевља (Црна Гора), наградите во Шабац и Банат, овој пат ја освои и наградата за најдобра книга на Дваесеттиот црногорски фестивал на хумор, сатира и карикатура во Даниловград (Црна Гора).
Интересен е фактот дека Толевски освои награди на фестивалите со двете последни изданија: Пеколната рајска градина (Плевља) и Сува река (Даниловград). За неговите дела врвниот теоретичар за хумор и сатира, Витомир Теофиловиќ, ќе напише: „Афоризмите на Васил навидум се едноставни, ги доживуваме како блиски и на сите разбирливи забелешки и пораки. Со внимателна анализа, меѓутоа, откриваме дека и покрај таа едноставност тие имаат повеќеслојно значение и дискретни пораки, дека полно зборуваат и помеѓу редови. Тоа во естетиката и теорија на книжевноста, да се потсетиме, се нарекува сложена едноставност, коja ja достигнуваат само мајсторите на стилот. Анатол Франс и Мари фон Ебнер-Ешенбах тој стил го прогласија за врвен, чист израз на генијалноста“.
Васил Толевски со право го сметаат за предводник на новиот бран современи македонски афористичари, а неговите авторски книги се претежно политички обоени. Има издадено преку дваесетина дела, објавени претежно во Србија, Полска и нешто во Македонија. Автор е на издавачката куќа Алма од Белград, а веќе со него имаат контакти авторски куќи од Русија и Бугарија. Желба му е да биде поддржан од некоја респектабилна фирма од РМ, како што е Алкалоид од Скопје, само поради големината на брендот, а и поради – смеата е лек. Афоризмите му се преведени на најпознатите светски јазици. Инаку по професија е машински инжинер, моментно вработен во ЈСП Скопје, како Технички директор.