
Србија е најголем економски партнер на Македонија од другите земји на Балканот, но потенцијалот за соработка сѐ уште не е искористен. Како што беше речено на деловниот Форум во Скопје, „Со соработка до побрз развој” максимално ниво на размена меѓу двете земји било евидентирано во 2008 година кога се реализирале вкупно 1,5 милијарди долари. Интенцијата е оваа бројка повторно да биде достигната.
-Северна Македонија е еден од нашите најзначајни партнери, но сѐ уште ни одблиску не се искористени потенцијалите на многу полиња, посебно на економски план. Предноста е во компатибилноста на нашите економии, истакна српската амбасадорка Душанка Дивјак – Томиќ, додавајќи дека регионот е се уште оптоварен со физички и ментални бариери.
Според потпретседателот на Стопанската комора на Македонија, Јелисавета Георгиева Јовевска, 57 проценти од размената на земјава во Западен Балкан отпаѓа на Србија.
-Постои голем потенцијал за продлабочување на соработката особено во делот на иновациите, новите технологии, услугите и полесен пристап на македонски и српски компании на трети пазар со цел да се постигне нивото од 1,5 милијарди долари, што е идентично на обемот на вкупната размена што нашата земја ја има со сите држави од регионот заедно, нагласи Георгиева Јовевска.
Србија е четврти наш најголем партнер во вкупната трговска размена по Германија, Велика Британија и Грција. Една од причините за тоа е добрата инфраструктурна поврзаност.
Минатата година трговската размена меѓу двете земји била 889 милиони долари и забележала раст од 11 отсто. Извозот бил 277 милиони со исто така 11 проценти раст, а увозот 611,8 милиони долари што е зголемување од 10,5 отсто. Во првите шест месеци годинава, пак, размената е 600 милиони долари.
„Размената од година во година расте. Северна Македонија е на осмо место во однос на вкупниот извоз што го реализира Србија, а увозот од Северна Македонија е на 25-тото место и зазема еден отсто од вкупниот увоз на Србија. Во осумте месеци годинава, трендот на раст продолжува и изнесува околу 6 милиони евра што е околу 7 отсто зголемување, рече Младен Чориќ од Стопанската комора на Србија.
Според него, македонски инвеститори вложиле 42 милиона евра во Србија во фармацевтската, металната и електричната индустрија, додека српските инвестиции во Северна Македонија досега се 80 милиони евра.
Најзначајни производи во размената се проводници, железо, челик, електрична енергија, пченица и масло во износ од околу 432 милиона евра. Србија од Северна Македонија увезува најмногу лекови, лимови, домати и млечни прозводи.