
Дали ќе има генерален штрајк на вработените во образованието или со преговори ќе се дојде до заедничко решение ? Самостојниот синдикат за образование, наука и култура, СОНК, и Министерството за образование и наука, МОН, и денеска ќе седнат на преговарачка маса. Истече седумдневниот рок што минатиот понеделник го даде Синдикатот, а претседателот на СОНК, Јаким Неделков најави дека, доколку не бидат прифатени нивните барања за зголемување на платите од 25 отсто, ќе има генерален штрајк во основните и средни училишта.
Министерот за образование Арбер Адеми во саботата на манифестацијата „Градиме мостови“ изјави дека е оптимист и верува оти договор со СОНК ќе се постигне. За денешната средба со СОНК, рече дека не сака да мисли на лоши сценарија во врска со најавата на Синдикатот за генерален штрајк.
Во основните и во средните училишта оваа година наставата почна еден ден подоцна, поради предупредувачкиот штрајк на наставниците, членови на СОНК и на тие што солидаризираа со нив. Штрајкувачите на првиот училишен ден беа на работа, но без обврски, а оние кои не се приклучија кон штрајкот одржуваа настава.
СОНК на 30 септември му даде уште една недела рок на МОН, за да одлучи дали ја прифати понудата за зголемување на платите во образовната дејност. Ако не се исполнат барања, се најави генерален штрајк.
– Од МОН ни побараа плус време за преговори во кои се утврдува процентот на зголемување на платите и времето од кога тоа би се случило. Објаснија дека им треба време за пресметки и консултации со други институции. Одлучивме да дадеме плус седум дена – изјави тогаш претседателот на СОНК, Јаким Неделков.
Наставниците не се задоволни од пет процентното зголемување на платите со новиот ребаланс на буџетот и бараат повисоки плати за 25 проценти, но тоа да ваши од јануари следната година.