
Курдските власти во североисточна Сирија денеска побараа да се воспостави хуманитарен коридор за евакуација на цивилите и повредените од градот Рас ал Аин, кој е опкружен од турските сили и се обидуваат да го преземат од курдските сили.
Барањето е упатено до меѓународната коалиција предводена од Вашингтон, партнер на курдските сили во борбата против Исламска држава, но и до Русија, која е сојузник на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад.
Во турската офанзива, што почна на 9 октомври, загинаа најмалку 72 цивили и 203 борци на Сириските демократски сили. Турција објави дека во Сирија загинале шест турски војници, а 20 цивили се убиени во пограничните градови во престрелки со курдските борци.
Курдските власти во Сирија ја обвинија Турција за употреба на неконвенционално оружје во северниот дел од земјата, а Анкара демантира.