Мицкоски очекува Заев до утре да го смени ставот за брзи избори

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денес беше во Гостивар, на средба со граѓаните на кои им порача дека партијата што ја води, ќе ја понесе победата на следните парламентарни избори, а во врска со изјавата на премиерот Зоран Заев за брзи предвремени избори рече дека очекува до утре, за кога е закажана лидерската средба кај Пендаровски, тој да си го промени ставот.

„Ние имаме план, имаме визија, стратегија, знаеме како да ја направиме Македонија, модерна европска држава, во која ќе владее правото. А, знаејќи каков е Зоран Заев, кај него работите се менуваат од час во час, очекувам и да се премисли за предвремените избори, веќе утре. Ајде и да претпоставиме дека овојпат ќе биде конзистентен, да го слушнам неговиот предлог, да видам што побразбира под тоа брзи, предвремени парламентарни избори, па дури потоа да одговорам што очекувам од лидерската средба. Законот е јасен што се подразбира под предвремени избори. Ние предлагаме избори веднаш веќе месеци наназад, не како избори за пуста власт, туку за да направиме нешто што ќе ја определни иднината на оваа државата, како што треба.“, рече Мицкоски.