
„Власта во државава е коалицијата предводена од Зоран Заев, СДСМ, ДУИ и претпоставувам уште неколку помали политички партии, и целокупна одговорност за сите погрешни политики веќе трета година по ред ја имаат тие луѓе. Ние како опозиција може да се бориме со сите демократски алатки што стојат на располагање и тоа го правевме изминатиот период. Јасно го знаат ставот оние граѓани кои сакаат и се добронамерни да го слушнат ставот на ВМРО-ДПМНЕ, поврзан и со Законот за јазиците, и со сето останато што според нас во изминатиот период беше погрешно“, изјави Мицкоски во емисијата „Стадион“ на „Канал 77“.
Тој посочи дека, според заклучокот на Венецијанска комисија, се урива правниот систем во Македонија со законот на СДСМ и додаде дека во едно разумно, демократско општество се отвора јавна дебата по неколку прашања.
„ВМРО-ДПМНЕ апелираше особено за прашањето околу Законот за јазици и тоа излезе дека е точно во суштина, практично Венецијанската комисија си го кажа своето во работниот извештај. Ние не сме против примената на јазиците на етникумите што се различни од македонскиот народ во Македонија. Но, истовремено тоа мора да биде функционално, применливо согласно законите и Уставот итн. Тогаш се дивееше на еден начин односно тоа се спроведе и се имплементираше, се доведоа во кривична одговорност директори на институции, како директорот на „Службен Весник“. И гледаме денеска Венецијанската Комисија каков заклучок дала, замислете заклучокот никој не го коментира тоа, а заклучокот е дека го урива правниот систем. Тоа е еден од основите на Копенхагешките критериуми, да може Македонија да напредува во евроинтеграциите. Вие ако немате функционален правен систем, не можете да напредувате во понатамошните евроинтеграции“, истакна Мицкоски.