
„Четири месеци се обидувавме да договориме средба со претседателот на Франција, Емануел Макрон, на која би се изнеле ставови за европската иднина на земјата, но не успевме да ја договориме, рече премиерот Зоран Заев на прес конференција.
Тој додаде дека и покрај блокадата за добивање датум за преговори, на Франција не треба да се гледа како на држава непријател.
„Лобиравме и преку амбасадата, преку дипломатски врски, но немавме одговор до денес. Да, точно ми се јавија претседстели на скоро сите европски држави да ми дадат поддршка по состанокот од Брисел, но со Макрон не сум се слушнал. И покрај тоа, тој си има свое гледање и објаснување зошто не го смени ставот и порачувам дека не треба да гледаме непријател во Франција“, рече Заев.
Потврди дека имало сигнали од Брисел дека Франција би можела да нè блокира, но до последен момент се надевал на позитивна одлука.
„Имавме најава, но сепак постоеше надеж дека Франција ќе го омекне ставот и ќе ги почнеме преговорите. Јас буквално ги молев во Брисел да ѝ дадат шанса на земјава, да останеме на мотивацискиот пат, да не се соочиме со оваа разочараност и горчина. Но и Франција поради свои гледања си има свое оправдување. Имаше предлог од Финска да добиеме датум, но подоцна да почнеме да преговараме, но и таа опција не се прифати. Јас искрено се надевам дека ЕУ ќе ги надмине овие свои внатрешни проблеми и ќе бидеме дел од таа приказна, затоа што заслужуваме“, рече Заев.
Според него, Франција цело време го охрабрувала Преспанскиот договор што според него влевало надеж дека ќе ја добиеме поддршката за датум.