Завршена истрагата за користењето на приватната електронска пошта на Хилари Клинтон

Стејт департментот ја заврши внатрешната истрага за користењето на адресата на приватната електронска пошта на поранешната американска државна секретарка, Хилари Клинтон. Во рамки на истрагата, Стејт департментот утврди престапи кај 38 лица. Како што пренесува АП, од тие 38 лица, некои би можеле да се соочат со дисциплински постапки.

Со истрагата, отворена пред повеќе од 3 години, утврдено е дека 38 лица се одговорни за вкупно 91 случај за испраќање доверливи податоци од личниот именик на Хилари Клинтон, се наведува во писмото кое оваа недела е испратено до републиканскиот сенатор, Чак Гресли.

Тие 38 се актуелни службеници во Стејт департментот, кои не се идентификувани. Престапите ќе бидат евидентирани во нивните досиеа и би можеле дисциплински да одговараат, но сѐ уште не е познато на кој начин. Наспроти тоа што во извештајот се утврдени неправилности, наведено е дека истражителите не дошле до, како што се наведува, убедливи докази за системска, намерна грешка со користење на доверливи информации.

Сепак, се наведува дека употребата на приватниот мејл на Хилари Клинтон влијаела на загрозувањето на тајноста на податоците.