Вечeрва истекува примирјето во Сирија

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган предупреди денеска дека офанзивата на северот од Сирија ќе биде продолжена поодлучно доколку курдските сили не се повлечат до истекот на примирјето.

– Периодот (примирјето) завршува денеска во 22 часот. Ако ветувањата на Американците не бидат исполнети, операцијата ќе продолжи со уште поголема одлучност, изјави Ердоган пред да замине за Русија на средба со претседателот Владимир Путин.
Ердоган рече дека досега се повлеке помеѓу 700 и 800 курдски борци и дека помеѓу 1200 и 1300 допрва треба да ја напуштат зоната.

Турција воведе петдневно примирје во Сирија кое истекува денеска, истиот ден кога Путин и Ердоган во Сочи ќе разговараат за иднината на Сирија.

Прекинот на огнот стапи на сила како би можело Курдите да се повлечат од североистокот на Сирија. Курдските и турските сили во Сирија меѓусебно се обвинуваат за кршење на примирјето.