
Во Македонија постојано се гласа. Од осамостојувањето, па досега, Македонците речиси секоја година излегуваат да гласаат, за партиски избори, за референдуми по одделни прашања, за локални избори за градоначалници, изборите се редовни или предвремени, често се оди и во втор круг на гласање или за прегласување во некои изборни единици…
Оваа практика започна по воведувањето на политичкиот плурализам во тогашната Социјалистичка Република Македонија во 1989, кога беше дозволено формирање политички партии и во 1990 беа одржани првите слободни и повеќепартиски избори.
Во Република Македонија се одржуваат избори за пратеници во Собранието, за претседател на Републиката и локални избори за советници и градоначалници.
По воведувањето на политичкиот плурализам, во Република Македонија се одржани пет регуларни парламентарни избори, во 1990, 1994, 1998, 2002 и 2006 и четири предвремени парламентарни избори во 2008, 2011, 2014 и 2016 година.
Првите парламентарни избори се одржани кога земјата била во состав на СФР Југославија, а останатите по прогласувањето на независноста во 1991 година.
Од осамостојувањето досега се одржани пет избори за Претседател на Републиката. Институцијата Претседател на Македонија е воведена по прогласувањето на независноста на државата, на 8 септември 1991 година, а врз основа на избор од страна на Собранието на Република Македонија, согласно тогашните уставни решенија. Првиот претседател на Македонија бил Киро Глигоров, најстариот претседател во светот, сè до завршувањето на неговиот мандат во 1999 година.
Досега се одржани пет локални избори. Карактеристика за локалните избори се честите промени на границите на општините.
Од осамостојувањето досега, три пати е распишан референдум на државно ниво и седум пати на локално ниво.
Првиот референдум во 1991 година е по барање на Собранието, а за прогласување на независност од СФРЈ, во 2004 референдумот беше по барање на најмалку 100.000 гласачи, за територијална поделба на земјата и лани се распиша референдум за Преспанскиот догвоор .