
Во Бугарија во сила е предизборен молк, пред одржувањето на утрешните локални избори.
Вкупно 6.227.901 бугарски државјани со право на глас ќе избираат градоначалници на општини, општински советници, градоначалници на урбани средини и градоначалници на села.
Според Централната изборна комисија има 36.225 кандидати за локална самоуправа, повеќето од нив за општински советници – над 29.000, кандидати за градоначалници на општините се 1.254, а за градоначалници на неурбани средини – над 5.000.
Вкупно 11.864 избирачки места ќе бидат отворени утре изутрина во 7 часот, а ќе бидат затворени во 20 часот, пренесува БГНЕС.
Во текот на денешниот и утрешниот ден забранета е секаква кампања, агитација, како и објавување на резултати од анкети и истражувања на јавно мислење. Локалната власт има право во својата општина да забрани продажба на алкохол во овој период.