Убиен и портпарлот на ИД, десната рака на ал-Багдади

Снимка направена од воздух на локацијата погодена од хеликоптерски оган во близина селото Бариш на северозападот од Сирија, на која била изведена операцијата за ликвидирање на Абу Бакр ал-Багдади/ Omar Haj Kadour/AFP via Getty Images

Милицијата на сириските Курди, Единици за заштитa на народот (YPG) објави во неделата вечерта дека во заеднички напад со американските сили на северот од Сирија е убиен и портпаролот на џихадстичката групација Исламска држава (ИД), Абу ал-Хасан ал-Мухаџир.

Арапско-курдската коалиција Сириски демократски сили (SDF), во која главна ударна сила е курдската милиција YPG, објави дека целта ја гаѓале во близина на сириското погранично место Џараблус, а според разузнавачките податоци кои им ги доставиле SDF и американската војска.

Главниот командант на SDF, Мазлум Абди, изјави дека нападот претставува „продолжение на претходната операција“ во која е убиен водачот на Исламската држава, Абу Бакр ал-Багдади. На Twitter Абди објави дека портпаролот на џихадистите бил земен за цел во селото Аин ал-Бајда, на северот од сириската покраина Алепо, и дека тој бил десната рака на ал-Багдади.

Информациите кои се покажале корисни за оваа операција, во која учествувале со десант осум американски хеликоптери, ги дале Курдите, а Русија го отворила воздушниот простор кој го надлгедува, рече претходно во неделата американскиот претседател Доналд Трамп, и освен на Русија, за поддршката им се заблагодари на Сирија, Турција и Ирак.