
Министерството за економија го објави јавниот повик за субвенционирање на дел од трошоците за купување и вградување на уред за погон на ТНГ, метан или друг вид на алтернативно гориво во возилата.
Предмет на јавниот повик е дека ќе се надоместат до 50% од трошоците за купен и вграден уред за погон на ТНГ, метан или друг вид на алтернативно гориво во возилото, но не повеќе од 18.000 денари по возило.
Согласно Програма за субвенционирање на дел од трошоците за купување и вградување на уред за погон на ТНГ, метан или друг вид на алтернативно гориво во возилата се предвидени средства во вкупен износ од 15.000.000 денари.
Како што стои во јавниот повик предвидено е да бидат надоместувани само трошоците за купен и вграден уред за погон на ТНГ, метан или друг вид на алтернативно гориво во возилото, настанати по денот на објавување на овој јавен повик.
Надоместок на дел од трошоците ќе се врши за само едно возило во семејство.
„Со мерката се предвидува да се субвенцинира 50% од цената на трошоците за набавка и вградување на уредот, но не повеќе од 300 евра во денарска противвредност за возило и се предвидува да бидат опфатени над 1.200 возила на годишно ниво. Мерката има за цел да се зголеми увозот на нови возила во однос на половните и значително ќе се забрза обновата на возниот парк, што значително ќе се влијае на намалувањето на загадувањето. Се предвидуваат субвенции од 2.000 – 3000 евра во денарска противвредност за набавка на ново возило, и во првата година се предвидува да бидат опфатени над 200- 500 возила“ – информираше министерот за економија Крешник Бектеши.
Право на учество на јавниот повик имаат физички лица, сопственици на возила произведени од 2005 година наваму, кои ќе извршат купување и вградување на уред за погон на ТНГ, метан или друг вид на алтернативно гориво во возилата.
За да се запазат одредбите од јавниот оглас неопходна е и документација за пријавување, односно треба да се пополни барање, кое може да се подигне од архивата на Министерството за економија или да се обезбеди преку интернет страната на министерството. Неопходна е и изјава за веродостојноста на податоците и верноста на приложената документација, заверена на нотар под морална и материјална одговорност, која може да се подигне од архивата на Министерството за економија.
Секој барател има право да поднесе Барање за само едно возило во семејство.
Разгледувањето и изборот на апликантите кои ги исполнуваатусловите утврдени со Јавниот повик, ќе се прави по принципот „ПРВ ДОЈДЕН, ПРВ УСЛУЖЕН” односно по редослед на поднесување и пристигнување на Барањата во архивата на Министерството за економија.
Крајниот рок за поднесување на Барања по овој повик е до втори декември годинава. Барањата кои се некомплетни ќе бидат одбиени.