Рама: Ние не сме како Србија, немаме друга алтернатива освен ЕУ

Косово греши што не учевствува во иницијативата за регионална соработка и на следниот самит во Драч треба да ја поправи грешката, порача албанскиот премиер Еди Рама, на заедничката прес-конференција на денешната втора средба во рамки на регионалната иницијатива за соработка, оддржана во Охрид.

„Не е идејата да го поделиме Западен Балкан, туку да ги опфатиме сите земји од Западен Балкан. Немаше пречка претседателот или премиерот на Косово да учествува во дијалогот и да се усогласи со сите останати за сите елементи. Се сеќавам дека потребно беше време претставниците на Косово да бидат прифатени на иста средба со тогашните авторитети од Србија и Босна, бидејќи ниедна од страните не сакаа да седнат на иста маса. Сега учеството на Косово не е ставено под прашање и не можеме да го разбереме сето тоа, не го гледам интересот од враќањето назад“, рече тој.

Рама додаде дека не го променил мислењето кон Србија и Босна поради нивното непризнавање на Косово, но, порача тој, во меѓувреме нерешавањето на ова прашање не е оправдување Приштина да биде исклучена.

„Дали граѓаните на Косово сакаат да чекаат ред на граница или да се отворат границите? Не е ова мини-шенген, бидејќи сум висок не сум се чувствувал мини или мал. Но, може да се каже Западен Балкан-шенген при што слободно ќе биде движењето во цел регион“ рече албанскиот премиер.

Тој додаде дека за нештата за кои имаат различни мислење не треба да се градат ѕидови, туку треба да се гради  соработка за да се оди по патот кон Европа.

„Друга алтернатива немаме. Ние не сме како Србија, која има неколку пријатели, како куќа со повеќе врати. Нашата куќа е со една врата“. рече Рама.