Ќе никнуваат ли портали како печурки пред избори за да „заработат“ државни пари?

Сопствениците на портали предупредуваат на тоа дека во овој период од речиси шест месеци до избори, наменски се отвораат портали, за да се „заработат“ државни пари, или пак да станат партиски гласила на секоја партија која ќе учествува на изборите, а за тоа да се плати со пари од џебот на граѓаните.

За претстојните предвремени парламентарни избори, се уште важат истите законски измени за учество на медиумите во изборната кампања и начинот на огласување. Доколку во меѓувреме не се донесат некои измени ДИК ќе се води според нив.

„За учество на порталите не е битна содржината што ја објавуваат, а за да влезат во регистарот на ДИК, треба навремено да се пријават со ценовник, и потврда за регистрација во Централниот регистар“, вели Љупка Гугучевска, портпарол на Државната изборна комисија за „Журнал“.

Во соопштението испратено до електронските медиуми за Претседателските избори 2019 година се вели дека доколку сакаат да учествуваат во политичката кампања должни се да се регистрираат во Државната изборна комисија во рок од три дена од денот на распишување на изборите.

„Електронскиот медиум (интернет портал) доставува до Државната изборна комисија „Барање за упис во регистер на електронски медиуми (интернет портали)“ и задолжително во прилог на барањето доставува тековна состојба, издадена од Централен регистар на Република Македонија. Тековната состојба не смее да биде постара од 6 месеци. Врз основа на поднесените барања за упис, Државната изборна комисија ќе изготви „Регистар на електронски медиуми (интернет порталите)“ кои ќе даваат услуги на платено политичко рекламирање за Претседателските избори 2019 година. Регистерот ќе биде јавно објавен на интернет страната на Комисијата“, се вели во соопштенито.

Додаваат дека интернет порталите, кои нема да се регистрираат во ДИК, односно нема да бидат во Регистарот, нема да имаат право да користат финансиски средства за платено политичко рекламирање за Претседателските избори 2019 година.

Она што најмногу ги иритира сопствениците на портали со повеќегодишно постоење е фактот што при ваквото доделување пари во политички кампањи, воопшто не се води сметка за тоа колку време постои медиумот и дали се запазуваат новинарските стандарди при објавувањето текстови.

За да се надмине оваа состојба, годинава, Здружението на новинари реши да формира регистар на онлајн медиуми за да го подобри известувањето на порталите кои се главни креатори на дезинформации, клевети и невистини. Регистарот ќе ги содржи професионалните портали кои ги исполнуваат условите да бидат медиуми, а борбата сонеквалитеното новинарство ЗНМ ја реализира во соработка со Стопанската комора и Советот за етика на медиумите.

„Моменталното решение на ДИК од после претседателските избори се покажа како несреќна солуција со која средства добиваа портали коишто и воопшто не објавуваат информативни содржини, а има индиции дека свесно се креираат портали токму шест месеци пред избори. Во Регистарот влегуваат професионални медиуми кои ги почитуваат строгите критериуми на СЕММ, па иако тоа не е облигаторно, ДИК секако подобро е да го следи нашиот Регистар отколку вака хаотично да одлучува“, вели Катерина Синадиновска од Советот за етика, за „Журнал“.