
За утре е закажана трибина во Велес на владеачката партија на чело со Зоран Заев и Кочо Анѓушев, двајцата кои овие години апсолутно ништо немаат направено за нашиот град и граѓаните на општина Велес. Ќе дојдат, бесрамно ќе глумат и ќе ветуваат како и секогаш – ветер и магла, додуша можеби ќе кажат и некој нов гаф. Овие двајца луѓе кои ги обезличија Македонците, и стекнаа огромни богатства на грбот на напатените граѓани, ќе кажуваат како е добро да се живее во градот кој се празни во последно време со се по забрзано темпо, како да е контаминирана зона, изјави денеска Игор Здравковски претседател на ВМРО-ДПМНЕ ОК Велес кој додаде:
„Самите тие не веруваат во политиките кои ги спроведуваат кои се класични популистички политики наспроти нивните најави за економски бум. Овој тандем кој ја предводи најнеспособната Влада во историјата на Република Македонија, не донесе ниту една инвестиција во Велес за три години, не успеа ниту да ја намали невработеноста, ниту да го спречи иселувањето. Додека едниот популистички ветува поголеми плати и пензии, а претходните три години го донесе народот до просјачки стап; другиот веројатно се бори да нема ниту една инвестиција во нашиот град за да не му се намали заработувачката и да не му се зголеми конкуренцијата на пазарот на трудот.“
-За тоа ни говорат и фактите дека додека ги исплаќа своите работници Анѓушев со просечна нето плата од 276€ што е околу 17000 денари, тој го зголемил профитот за 1,3 милиони евра за 2018 година. Замислете кој апсурд е човек што дава 270€ плата да Ве убедува дека просекот пораснал на 500€!? Заев се фали со некакви покачувања на плати и просек од 30000 денари, а за тоа му текна дури откако беа најавени предвремените парламентарни избори. Господо… Претходно сѐ сторивте за да ја измените методологијата за покачување на пензиите, па сега пред избори ви текна и на пензионерите кои за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ имаа покачувања двапати годишно и сето тоа беше нормално да се прави, а сега се најавува како којзнае каква мерка, потенцираше Здравковски и подвлече:
„Нас, граѓаните на Република Македонија со вашите задолжувања не задолживте и за наредните генерации, дури и за неродените внуци. Почитувани господа од власта, Велес го заробивте, Македонија ја запустивте. Куќите во градот ги оставивте празни, а училиштата во континуитет ги губат своите ученици поради заминување од државата на цели семејства во потрага по правда, правдина и подобра иднина. Прочитани сте од граѓаните на Велес и овие безуспешни обиди за ваше враќање во политички живот ви се јалови. Во меѓувреме додека централната власт системски нѐ уништува, и локалната власт е во длабок сон кој трае повеќе од две години. Немаме реализација на ниту еден проект од предизборната програма со која се гордеевте. Капиталните инвестиции се сведени на нула – нема ниту затворен градски пазар, ниту катна гаража, нема едно ново паркинг место, нема затворен базен, нема гасификација… Дури нема ни исправна станица за мерење на квалитетот на воздухот – едноставно изгледа како да сакате Велес да го направите слепо црево а граѓаните да ги вратите назад во XIX век. И за воља на вистината и успешни сте во тоа.“
-Нема ниту еден проект во урбаниот дел на градот, а вие бесрамно идете да барате поддршка. Затоа господо од власта, народот ќе си одлучи сам и без вие да притискате или да глумите загриженост. Вашите сомнежи во одлуките на граѓаните ќе Ви бидат кристално разјаснети после изборите во април, кога ќе се соочите со реалноста, посочи Здравковски.