
Вакцинацијата против грип од 2010 година до 2017 година стартуваше во период од 10 до 15 октомври, мината година почна на 5 ноември, а оваа година надлежните не успеаа да го испочитуваат и тој рок. Имено, вчера на 15 ноември стартуваше вакцинацијата против грип, но само со плаќање на вакцините. Бесплатните наменети за лица над 65 години, хронично болни, деца и трудници, според проценките, ќе почнат да се даваат дури на почеток на декември.
-Во текот на првиот ден имаше само околу педесетина пациенти, а воообичаено првиот ден сме имале околу 500 пациенти. Ова сега е само десеттина проценти од вообичаената бројка, велат надлежните од Скопје. Притоа не сакаат да говорат на што се должи тоа, дали на тоа што вакцините се плаќаат, а бесплатните ги нема, или можеби немало доволно информации за тоа дека на 15 ноември ќе има вакцини кои се плаќаат, но не и бесплатни, велат од здравствените домови.
Дека годинава доцни вакцинирањето против грип говорат фактите. Или 2010 година вакцинацијата почнала на 15 октомври, во 2011 и 2012 исто на 12 октомври, следната 2013 година вакцини има на 16 октомври, во 2014 на 20 ноември, во 2015 година на 15 октомври, во 2016 година стартуваше на 26 октомври, а во о2017 година вакцинирањето против грип почна на 18 октомври. Само минатата година вакцини за грип имаше од 5 ноември, за оваа година според проценките веројатно е дека тоа ќе се случи кон крајот на ноември почетокот на декември. Од петокот, 15 ноември има само вакцини кои граќаните мора да ги платат.
Според препораките на меѓународните институции и различните национални програми за јавно здравје на земјите во Европа потребен е опфат од 19% до 28%, што отприлика треба да ги покрие ризичните групи (постари над 65, бремени, хронични болни…), додека кај групата на постари лица, опфатот е препорачано да биде над 75%.
-Секоја земја сама одредува кога ќе започне со вакцинација против грип. Но, со оглед на тоа дека околните земји веќе месец дена вакцинираат, стратегијата за вакцинација против грип мора да биде во тој правец, најдоцна крајот на месец октомври. Дополнително мора да се напомене дека се потребни од 10 до 14 дена за да се развие имунитет од вакцината, велат епидемиолозите.
Во поглед на употребата на тривалентни (2 типа А и 1 тип Б) или четиривалентни вакцини (2 типа А и 2 типа Б), мора да се почекаат студиите кои се во тек или засега нема некоја препорака каква треба да се прими или која е подобра.
-Процентуалната застапеност на типот Б е значително помала (скоро 1%) кај случаевите на грип, така што единствен параметар кој треба да се гледа сега за сега е цената на вакцината (пред да се донесат научно потврдени заклучоци). Нема студија што би потврдила дали и која од три или четиривалентната вакцина е подобра. Оттука непотребо с набавуваат поскапи четиривалентни кои и ги плаќаат граѓаните, а тривалентните се бесплатни, но годинава и многу доцнат, објаснуваат епидемиолозите.
Според нив поентата на вакцинирањето против грип е навременото започнување и што поголем опфат, за кој е потребен временски период и затоа треба да се започне порано.
-Колку порано се започне со вакцинација, толку поголем опфат во популацијата ќе има вакцината/имунитетот против вирусот на грип, додаваат епидемиолозите.
Ако сакаме подобро здравје за популацијата, додаваат тие, државата мора да одвои сума со која би се набавиле доволно вакцини и бесплатно би се вакцинирале сите ризични групи, постари лица над 65 годишна возраст, хронични болни, деца, бремени и здравствени работници.
Во контекст на доцнењето на вакцинирањето против грип, дел од епидемиолозите сметаат дека Македонија нема потреба од набавка на четиривалентни, ни претходната, ни оваа година.
-Идеалната верзија ќе беше набавката на тривалентни, поефтини вакцини да заврши уште во јуни или јули и вакцинирањето да почнеше најдоцна средината на месец октомври и вакцините да беа бесплатни за сите ризични групи, коментираат дел од епидемиолозите.