Министерството за здравство бара решение за кофинансираните специјализанти

Министерството за здравство соопшти дека има слух за барањата на кофинансираните специјализанти и дека се бара механизам за подобрување на нивниот статус.

„Во исто време решаваме состојби каде немаше никакво поместување во позитивна насока со години претходно. Нивните колеги кои се приватни специјализанти за првпат се платени за својот труд во 2018 година. Тие дотогаш работеа бесплатно. Фокусот кој прво го ставивме беше на приватните специјализанти, да им овозможиме подобри услови за работа. Сега, се бара механизам и за кофинансираните специјализанти. Веќе се договорени да почнат работни групи да работат на решавање на оваа ситуација, но затоа треба да биде во соработка со Фондот за здравствено осигурување и најверојатно со пратениците со цел да се види каква е можноста Законот во тој дел да се промени. Откако следната недела ќе ги собереме сите информации ќе имаме и детална динамика како и кога ќе може да се изнајде решение“, се вели во соопштението.

Според Министерството за здравство, покрај наследените куп проблеми кои оваа Влада ги наследи, за две години значително се подобрени условите за работа на здравствените работници.

„Направено е најголемо зголемување на платите во јавното здравство.Вкупно со сите зголемувања, основната плата на лекарот специјалист ја зголемуваме за 40%, на медицинските сестри помеѓу 20 и 23%, на општите лекари 25% и 15% на сите здравствени соработници.Зголемени се и коефициентите за исплата на дежурства и ноќен труд на медицинскиот кадар, а некои типови на дежурства се зголемени за два до три пати.

Владата во изминатиот период ги подобри условите на здравствените работници и нема намера да отстапи од оваа политика којашто требаше да се примени многу одамна, а со години ништо не беше направено на ова поле“, се додава во соопштението.

Инаку, кофинансираните приватни специјализанти соопштија дека во понеделник, 18.11.2019 година, ќе организираат протест пред Министерството за здравство. Тие како причина за протест наведуваат тоа што нивните специјализации не се вклопуваат во Законот за здравствена заштита. Исто така, реагираат дека договорот за вработување во клиниката на неопределено време после завршување на специјализација има огромна правна празнина и можност за слободна интерпретација, така што после завршување на специјализација немаат загарантирано работно место, и покрај тоа што земаат пониска плата од нашите колеги кои немаат никаква обврска кон државата (ниту да работат во одредена институција, ниту да враќаат енормни суми на државата), плаќаат одреден дел од партиципацијата за специјализација, сами, годините што треба да ги одработат за установата се исти како и државните специјализанти…и друго.