Партитура на младиот Моцарт продадена за над 370.000 евра

Оригинална партитура на менует, која музичкиот гениј Волфганг Амадеус Моцарт ја напишал на 16-годишна возраст, а била дел од збирката на познатиот австриски писател Штефан Цвејг, продадена е во понеделникот на наддавање во Париз за 372.500 евра, што е речиси двојно повеќе од почетната цена.

Нотниот запис, со два довршени менуета за оркестар, компонирани во 1772 година во Салцбург, на кој Моцарт своерачно напишал „готово“, беше проценет на 150.000 до 200.000 евра.

„Станува збор за единствен примерок на партитурата. Моцарт секогаш пишувал први верзии, за разлика од Бетовен кој постојано им се навраќал“, вели Сајмон Мегваер, стручњак за музички партитури во лондонската аукциска куќа Sotheby’s.

Во ракописот, кој никогаш никаде не е јавно објавен, има некои исправки и помали измени, од што е една или две ги напишал таткото на тогаш младиот музичар – Леоплод.

Партитурата ја сочувала сестрата на композиторот Марија Ана, а на крајот завршила во големата збирка на писателот Штефан Цвејг. Мегваер вели дека Цвејг бил познат како голем колекционер на нотни записи, особено на оние од Моцарт.

Нотниот запис, единствениот од „Шест менуети К.164“ и натаму е во приватна збирка, а на наддавањето е понуден во понеделникот во рамките на продажбата на книги од библиотеката на познатиот швајцарски библиофил Жан-Франсоа Шапоние.

Моцарт првите дела ги компонирал уште додека бил дете, со помош на татко му. Аукциската куќа Sotheby’s во понудата напиша дека партитурата е потсетник на вљубеноста на Моцарт во танцот. Додаваат дека „сопругата на композиторот, Констанса Моцарт умеела да кеже дека нејзиниот сопруг, колку и да бил голем гениј, истовремено бил страстен танчар и често умеел да каже дека неговото срце ѝ припаѓа на таа уметност, а не на музиката“.

Ривалската аукциска куќа Christie’s на 27-ми и 28-ми ноември на наддавање ќе понуди редок портрет на тринаесетгодишниот Моцарт насликан, додека бил жив. Уметничкото дело, а станува збор за еден од четири портрети насликани за време на животот на славниот композитор кое сега е дел од приватна колекција, е насликано во 1770 година. Му се припишува на италијанскиот сликар Џамбетино Чињароли.

Сликата е дел од приватна колекција, а процените на нејзината вредност се движат меѓу 800.000 и 1,2 милиони евра.