
Владиниот коалициони партнери на различни страни дали на четири месеци пред избори треба да се отвора Изборниот законик со цел да се менува изборниот модел.
Претседателот на ДУИ, Али Ахмети вели дека времето до изборите договорени за 12-ти април не е доволно за да се отвори дебата и при тоа да се постигне консензус околу тоа дали и каква промена на изборниот модел е потребна.
„ Времето не дозволува да влеземе во вакви измени на Изборниот законик, бидејќи имаме многу големи разлики како политички партии што ќе ја комплицира ситуацијата, а тоа не би било во полза ниту за партиите, ниту за државата, вели лидерот на ДУИ.
Ставот на Ахмети е сосема спротивен од ставовите кои во изминатиов период ги изнесување премиерот Зоран Заев. Тој и неговата СДСМ остануваат цврсти во намерата да го реализираат нивното предизборно ветување за воведување на една изборна единица наместо досегашните шест при изборот на пратеници во Собранието. Заев дури и ги прозва ДУИ дека повеќе ќе загубат доколку не ја прифатат неговата идеја.
„Изборно ветување на СДСМ е изборен модел со една изборна единица, сега на ред е Парламентот. Ако Парламентот преточи измени и дополнувања на Изборниот законик, сме ѝ ветиле на јавноста дека сме за една изборна единица, и како СДСМ ќе гласаме. Сакам да го направиме тоа сите, убаво е да се дефинира со консензус, значи и ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ и другите партии да застанат зад тоа што ќе го договориме“, рече Заев, пред два дена.
Инаку, пред десетина дена група пратеници предложија до Собранието предлог закон за измена на Изборниот законик и воведување на една изборна единица којшто би се применувал уште на предвремените парламентарни избори напролет. Но, според досегашните изјави на политичките лидери освен поддршката од Заев и СДСМ за овој предлог не може да се очекуваат гласовите на ДУИ и опозицијата и во македонскиот и во албанскиот блок.
Ахмети денеска истакна и дека не гледа причина за било какво поместување на датумот за избори договорен на лидерската средба.
„Овој датум е консензуално донесен од страна на сите политички партии. Сите веќе ги имаме отпочнато подготовките за одржување на избори на 12 април“, изјави Ахмети.