Пронајден угинат елен со 7 килограми пластика во стомакот, јадел ѓубре мислејќи дека е храна

Во Националниот парк Кун Сатан на северот на Тајланд е пронајден угинат елен со седум килограми пластичен отпад и друго ѓубре во стомакот.

Десетгодишниот елен, тежок околу 200 килограми, во понеделникот го откриле ренџерите од Националниот парк Кун Сатан, пренесува „Reuters”. Властите процениле дека еленот угинал најмалку два дена претходно.

„Кога ветеринарите го прегледаа стомакот на еленот, открија многу ѓубре, во главно пластика”, рекол Криангсак Таномпан, директор на заштитениот регион во Националниот парк Кун Сатан.

Според првобитните истражувања, еленот угинал од цревна опструкција по консумирање на ѓубре во текот на долго време. Ветеринарите во неговиот желудник пронашле пластични кеси, употребени чаши за кафе, пакети нудли, гумени ракавици, марамчиња, долна облека и пластично јаже.

„Местото каде го најдовме еленот е заштитена шума, но се наоѓа во близина на место каде има луѓе и патишта на кои минувачите некогаш фрлаат ѓубре”, рекол Таномпан.

Минатата година одделението за национални паркови, див живот и заштита на билки забранило употреба на пластика во сите национални паркови во земјата, но тоа не го спречило угинувањето на животните од пластичен отпад.