Седум деца има меѓу 26-те повредени мигранти кај Градиште

Дваесет и шест мигранти се повредени во сообраќајка, кога возило во кое биле превезувани излетало од регионалниот пат Свети Николе – Куманово, кај месноста викана Градиште рано утринава околу 06:40 часот.

Според Секторот за внатрешни работи Куманово, мигрантите, од кои 15 државјани на Авганистан, девет на Пакистан и еден од Ирак со возило на Итната медицинска помош биле пренесени на Хируршкото одделение во Општа болница Куманово. Седум од нив биле малолетни.

Возачот кој управувал со возилото се дал во бегство и за него МВР нема информации.

Од Хируршкото одделение при Општа Болница Куманово информираат дека само еден од пацинетите завршил со тешки телесни повреди, и е испратен на клиника за трауматологија во Скопје, а останатите по укажаната помош ќе бидат пуштени на домашно лекување.

„26 пациенти се примени на нашето одделение, сите пациенти се прегледани, направен е рендген и се што е потребно, констатирани се телесни повреди на 25 пацинети, кои се опсервирани, дадена е аналгетска терапија, а еден пацинет е испратен на Клиника за трауматологија. Малолетните лица се во добра општа состојба и ќе бидат пуштени на домашно лекување“ посочи Љубинка Дамјановска Крстиќ, хирург Општа болница Куманово.

За настанот бил известен јавен обвинител, а увид на местото извршила екипата од СВР Куманово.

Министерството за внатрешни работи информира дека преземаат мерки за расчистување на случајот.