
Промени во моделите и процедурите во однос на назначувањето на соодветните лица во раководните структури на јавните претпријатија и независните тела содржат предлог законските измени на Законот за јавни претпријатија што денеска ги презентираше Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ во рамки на проектот „Кон добро управување во државните претпријатија и независните тела” финансиран од Обединетото Кралство преку Владата на Обединетото Кралство.
На настанот на кој присуствуваа претставници од надлежни институции и од невладиниот сектор, како и стручни лица и експерти, предлог – измените ги презентираше Југослав Ѓорѓиевски – правен експерт, кој истакна дека целта е да се адресираат недореченостите во постојниот закон, како и принципите за статусните критериуми според кои се избираат лицата во управните и надзорните одбори на јавните претпријатија во земјава.
Конкретно се предлага јасна типизација на ЈП според големината на големи, средни, мали и микро претпријатија во зависност од бројот на вработени, годишниот приход и просечната вредност на вкупните средства по годишни сметки во последните две години што е слична со онаа на Законот за трговски друштва, а новина е воведување на критериумот според бројот на граѓани кон кои се даваат услугите. При тоа се предлага кај малите и микро претпријатија УО-и да бројат до пет члена, а кај средните и големите да имаат до седум члена.
Воедно се зајакнуваат и критериумите при изборот на членовите по однос на искуството стекнато во областа на дејноста на претпријатието. Изборот на претседателот и членовите на управните одбори се врши на јавни огласи, на кои може да се пријават сите заинтересирани кандидати, а новитет е што кандидати може да бидат номинирани и од граѓански организации и од бизнис заедницата заедно со приложена писмена согласност за номинацијата.
Јавните огласи на три месеци пред истекот на мандатот на актуелниот УО, кај ЈП основани од општините се распишува на предлог на градоначалникот, а кај ЈП основани од Владата е на предлог на генералниот секретар на Владата. Потоа се формира тричлена комисија за селекција соодветно од страна на Советот на општината, односно од страна на Владата со јасно прецизирање на тоа кој може да биде член на комисијата, каде еден мора да биде од секторот за човечки ресурси. Потоа следува селекција на кандидатите во две фази – административна селекција и интервју (кое се снима со камера), а на крајот се подготвува листа од најмногу 15 кандидати кои се надобро рангирани, од кои се врши конечниот избор. При тоа сите материјали од постапката за селекција се чуваат најмалку 10 години.
-По разговорите со јавните претпријатија утврдивме дека кога се нестручни управните одбори тие се голем товар за работата на претпријатието, а кога членовите на одборите се стручни лица тие се од помош за нив. Со меритократијата сакаме да ги зајакнеме капацитетите на овие одбори и тоа е поврзано не само со доброто управување туку и со демократијата, вели Миша Поповиќ, раководител на центарот за добро управување при ИДСЦС.
Според Софка Пејовска Дојчиновска член на Државната комисија за спречување на корупцијата за време на изборни циклуси тие следат како се спроведуваат ограничувањата пред се во однос на постапките за вработување кои треба да бидат во мирување, но со постојните законски решенија не се опфатени измените во однос на управните одбори, што вели исто така имаат влијание врз изборите.
-Има над 3.000 членови во управни и надзорни одбори во јавни претпријатија. Мора да најдеме начин како и тоа да го ставиме под капата на забрани, односно мора да се интервенира во Изборниот законик и во Законот за ДКСК, рече таа.
Биљана Мицковска претставник од Министерството за економија, во чија надлежност е Закот за јавни претпријатија, истакна дека согласно оцени на ОЕЦД и препораки на МИОА во Министерството недостига одделение за јавни претпријатија кое ќе се грижи за сопственоста на државата и на општините, а предложените 17 амандмани на Законот за ЈП рече покажуваат потреба од нов закон.
-За таа цел во тек е формирање работна група која ќе работи на негова изработка. Замислата е да се подготви нов закон врз основа на анализа и да се усогласи со Законот за трговски друштва, рече Мицковска.
На презентацијата претствници на АДКОМ-Здружение на даватели на комунални услуги, најавија нивни предлози во однос на измените на Законот за јавни претпријатија со оценка дека во повеќето опшините нема доволно капацитети за да се задоволат предложените зајакнати критериуми при изборот на членови на управни одбори.
Предлог законските измени се резултат на спроведена анализа од страна на ИДСЦ, а се земени предвид и сугестии од МИОА и од ДКСК. Од ИДСЦ сметаат дека законот треба да го предложи Министерството за економија.