Седум загинати во пад на мал авион во Канада

Седим лица ги загубија животите во несреќа на мал авион од моделот „ Piper PA-32“, кој се урна во близина на градот Кингстон, во покраината Онтарио, пренесува во четвртокот телевизијата CTV.

Несреќата се случила во средата вечерта по локално време во тешко пристапна шумска област на околу пет до седум километри од аеродромот во Кингстон. Поради непристапниот терен, спасувачките екипи дури во четвртокот доцна попладнето можеле да дојдат до местото на несреќата и да го потврдат падот.

Претходно беше објавено дека авионот полетал од Торонто, исто така, во Онтарио, и во него можеби имало до шест лица. Според полицијата, пак, во авионот се наоѓале седум лица, од кои три деца и сите загинале. Идентитетот на жртвите не е објавен, а не е познато дали летот бил комерцијален или приватен.

Причините за падот сѐ уште не се познати, но медиумите напоменуваат дека за Кингстон во средата била издаден специјално метео предупредување за „силни југозападни ветрови кои достигнуваат 80 км на час“.