
Ексшефицата на СЈО, Катица Јанева, која е во притвор како обвинета во аферата „Рекет“, побарала апанажа, соопшти претседателот на Комисијата за изборите и именувањата, Илија Димовски.
Собранието нема да и одобри апанажа на ексшефицата на СЈО и обвинета во случајот „Рекет“ Катица Јанева, според информациите, против ќе бидат и мнозинството и опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Образложението е дека таа не е избрана од Собранието, туку само предложена, а дополнително инволвирана е во, како што велат, најголемиот скандал во правосудството.
„Првиот допис до комисијата е испратен од адвокат Ирена Фрчкоска, во име на лицето Катица Јанева. По неколку дена добивме барање и лично од Катица Јанева. И со едното и со другото барање се бара одредување апанажа за госпоѓата Катица Јанева“, изјави претседателот на Комисијата за избори и именувања Илија Димовски на денешната седница.
Во образложението на адвокатката на Јанева до Комисијата се наведува дека нејзиното барање е врз основа на законските можности кои не забрануваат и не исклучуваат можност притворени или разрешени функционери да бараат апанажа.