Градежните „шерифи“ испумпуваат вода сред улица во Ѓорче Петров (ВИДЕО)

Скопјани со години наназад го живеат периодот, но и последиците од градежниот хаос кој и’ наметна на метрополата имиџ на „неподносливо“ место за живеење во однос на супстандардни градби и непочитување на прописи од инвеститорите, кои станаа еден од многуте товари на граѓаните.

Анархијата на големите „шефови“ на градбите кои постојано никнуваат насекаде, на сметка на хуманизација на просторот и зелените површини, оди до крајности без да се води сметка за потребите на граѓаните кои живеат во околината.

За жал, докази за ваквата ситуација може да се сретне во секој дел од градот, а еден од нив ни испратија револтирани жители на Ѓорче Петров, кои со месеци се соочуваат со проблем кој само го потврдува безредието во градежниот сегмент.

Имено, на улицата „Македонска војска“, со месеци се испумпува вода од објект што е во изградба, директно на улицата. Оваа каллива вода може да ја затне атмосферската и фекална канализација со којашто се меша, а проблем е и за  пешаците и возилата кои сообраќаат на оваа улица.

Откако денеска за оваа ситуација побаравме одговор од Општина Ѓорче Петров, оттаму посочија дека инспекциска служба излегла на терен и на изведувачот му било наредено да го пренасочи исфрлањето на водата во канализационата мрежа.

„Од страна на Одделението за инспекциски работи извршен е увид на лице-место и е констатирано дека на колективниот станбен објект што се изведува на улица „Македонска војска бб“ од страна на инвеститорот „МУЛТИ ОФИС“-Скопје, како резултат на високото ниво на подземни води со помош на пумпа се евакуираат од објектот. Но, наместо да се користи постоечката канализациона мрежа, водата се исфрла на самата улица. На изведувачот на објектот му е наредено веднаш да го преусмери исфрлањето на вишокот вода во канализационата мрежа“, велат од општината.