„Медена земја“ со награда за најдобра камера во Лос Анџелес

Филмот „Медена земја“ и кинематографите Самир Љума и Фејми Даут ја добија наградата за најдобра кинематографија на Меѓународните документарни награди, кои синоќа се одржаа во Лос Анџелес.

Документарецот на режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов ја доби и наградата „Паре Лоренц“ која фестивалот ја доделува за „давање пример за филмско снимање, со истовремено фокусирање на соодветната употреба на животната средина, правда за сите и откривањето на социјалните проблеми“. „Медена земја“ беше номиниран уште во две други категории, за најдобар филм, каде победи сирискиот „За Сама“, како и во категоријата за најдобра режија, каде триумфираше режисерското дуо на „Американска фабрика“.