
Весникот The Washington Post извести во понеделникот дека високите функционери во Пентагон со години приватно зборувале за својата длабока загриженост во врска со американската воена стратегија во Авганистан.
Весникот добил илјадници документи од владниното тело, Специјалниот главен инспектор за обова на Авганистан, кој интервјуирал повеќе од 600 луѓе.
Ваквиот извештај се појавува во времето кога американскиот претседател Доналд Трамп и Пентагон го разгледуваат намалувањето на бројот на американските војници во Авганистан за да се концентрираат на борбата со Ал Каеда и Исламската држава, а администрацијата во Вашингтон се надева и на мировен договор со талибаните со чии претставници подолг период преговара во катарската престолнина Доха.
САД извршија инвазија врз Авганистан во 2001 година кога ја соборија талибанската власт обвинувајќи ја дека ѝ дава поддршка на Ал Каеда од авганистанска територија да планира терористички напади врз американски и сојузнички цели. Оттогаш оваа операција стана најдолгата војна што ја воделе САД во којашто според официјалните податоци загинале 2.400 американски војници, а повеќе илјади се ранети.
„Бевме лишени од основното разбирање на Авганистан, не знаевме што да правиме“, рекол пред истражителите генералот Даглас Лут кој имаше централна улога во војните во Ирак и во Авганистан во времето на претседателот Џорџ В. Буш во 2015 година, пренесува The Washington Post.
Воените команданти одвреме навреме говореле за својата загриженоста околу војната, особено кога барале зголемување на бројот на војниците за борбите против талибаните.
Во 2010 година тогашниот генерал-мајор Мајкл Флин, заменик началник на генералштабот за разузнавачки активности во Авганситан, го критикувал дејствувањето на американскиот шпионски агенции во оваа земја, нарекувајќи ги незнајковци и истакнувајќи дека немаат никаков контакт со авганистанскиот народ. Флин подоцна беше советник на актуелниот претседател Доналд Трамп за национална безбедност кој отстапи поради прикривање дека имал врски со Русија.
Весникот добил и белешки од поранешниот министер за одбрана Доналд Рамсфелд од периодот меѓу 2001 и 2006 година во кои тој изразува сомневања дека САД некогаш ќе успеат да ги извлечат војниците од Авганистан, доколку не се погриќат да биде видливо „дека се случува нешто што ќе осигури стабилноста потребна за да био можеле ние да заминеме“, нашишал во една од белешките.