
По неколку месечни натегања, надлежните го повлекуваат законот за пазарџиите.
Организаторите на пазари бараа да се укине законот за трговија на зелените пазари образложувајќи дека овој закон им наметнува давачки кои ги нема во Европската унија, и дека дополнително ќе влијае на пад на прометот на зелените пазари, како и на намалување на бројот на пазарџиите.
Овој закон требаше да влезе на сила од јануари следната година, но очигледно заврши неславно уште пред да влезе во сила бидејќи на последната владина седница се одлучи законот да биде укинат. Од Групацијата на организатори на пазари при Стопанската комора стравуваат дека тогаш може над 6.000 тезгаџии да излезат од пазарите, со што автоматски ќе влезат во зоната на сивата економија.
Организаторите сметаа дека, работењето на пазарите е регулирано со многу закони. Посочуваа дека во законот за трговија на зелените пазари има голем број недоречености и не се добива ништо повеќе во регулирањето на дејноста, туку само се востановува комора, преку која се наметнуваат неекономски давачки за пазарџиите.
Пазарџиите многупати се закануваа со генерални штрајкови ако не се укинеше целосно овој закон.