Германците дома уште чуваат над 12 милијарди марки

Осумнаесет години по воведувањето на еврото, граѓаните во Германија сѐ уште ја чуваат старата германска валута – марката, во вредност од 12,46 милијарди марки, односно 6,37 милијарди евра, објави централната банка на Германија во неделата.

„Од 12,46 милијарди марки, колку што граѓаните сѐ уште не ги размениле во евра, 5,83 милијарди се во банкноти, а 6,63 милијарди марки во кованици“, објави германската централна банка Deutsche Bundesbank.

Притоа, од банкнотите најмногу во оптек се оние со поголеми апоени, во вредност од 100, 500 и 1.0000 германски марки.

Годишно германските граѓани сѐ уште разменуваат германски марки во вредност од 35 до 45 милиони евра. Меѓутоа, најголемото количество германски марки е повлечено од оптек веднаш по воведувањето на еврото на почетокот од 2002 година.

За разлика од другите земји коишто го воведоа еврото, во Германија нема временско ограничување до коешто старата валута мора да се промени во евра. Курсот за размена сѐ уште не е променет: едно евро чини 1,95583 германски марки.