
Македонскиот ракометен селектор Данило Брестовац ја изврши првата прозивка пред стартот на подготовките за претстојното Европско првенство кое идниот месец ќе се одржува во Австрија, Шведска и Норвешка. Македонија своите натпревари од групата ќе ги игра во Виена, во група со Украина, Чешка и Австрија.
На денешниот собир дојдоа претежно помладите ракометари, кои во текот на наредниов период ќе одиграат четири пријателски средби на кои ќе треба да му докажат на Брестовац дека се зрели за настап на ЕП. Подоцна, после Нова Година, на финалните подготовки, ќе се приклучат и „сениорите“ како Лазаров, Ристовски, Манасков, Стоилов…
„Акцентот на овие подготовки ќе биде повеќе на пријателските натпревари. Неделава на собир ќе бидат овие ракометари кои му доаѓаат некако како Б-тим. Ќе видиме кој ќе се наметне од нив и кој ќе се придружи на завршните подготовки во Словенија. Можеби малку грубо звучи А-тим и Б-тим, но составите мора да се категоризираат. Овие ракометарите имаат проблеми во нивните клубови, имаат мала минутажа, но јас сум спремен да им дадам шанса, да ризикувам со нив, да ги демантираат прво свооите тренери во екипите дека заслужуваат повеќе време на паркетот, а потоа да се наметнат и тука. Очекувам дека ќе блесне некој од младите, ова не е последна шанса, но редно време е да исплива некој на површина“, вели селекторот.
„Но, ако во овие четири пријателски средби не ми докажат дека можат, не знам што да правам. Најтешко е да разбудиш некого ако се преправа дека спие. Повторувам дека ќе им дадеме шанса, но тие што ќе ги одберам да одат на ЕП, треба таму да дадат значителен продонес, не само да учествуваат“, додаде Брестовац.
Македонскиот селектор потенцираше дека првиот дуел на првенството, тој против Чешка е и најважен.
„Мене ме интересира првиот меч со Украина. Потоа ќе биде полесно за прогнози и на што ќе ставиме акцент во иднина. Секако ќе го гледаме и резултатот од другиот меч помеѓу Чешка и Австрија. Секако дека ќе биде тешко, групата не е атрактивна, но сега можеме да видиме колку значат средбите со Исланд – во група сме со селецкии од кои сме подобри и можеме да ги победиме. Имаме и квалитет и потенцијал за тоа“, рече Брестовац.
Првите два меча на подготовките во декември Македонија ќе ги игра на 25 и 26 декември во Србија против Кувајт, додека на „Трофеј Карпати“ ќе учествуваме на 28 и 29 декември. Првиот меч е против Алжир, а наредниот ден противникот ќе зависи од исходот на дуелот Холандија – Русија. По Нова Година, кога селекцијата се сели во Словенија и ќе биде во полн состав, закажани се уште две пријателски средби.