
ЕБОР обезбедува 58 милиони евра заем, надополнет со 68 милиони евра заем од Европска Инвестициона Банка (ЕИБ) и 10 милиони евра инвестициски грант, обезбеден од Иницијативата за економско зајакнување на ЕИБ за финансирање на првата голема пречистителна станица за отпадни води во Скопје.
Пречистувањето на водата беше идентификувано како една од најитните приоритети од Акциониот план за Зелени градови, развиен од градските власти и ЕБОР.
„Скопје е еден од неколкуте градови во Европа кој нема значаен капацитет за третман на пречистување на отпадна вода. Наместо тоа, непречистена отпадна вода се влева директно во реката Вардар, загадувајќи ја човековата околина и влијаејќи врз живеалиштата на луѓето кои живеат по течението на реката, на територијата на Македонија и Грција“, се вели во соопштението на ЕБОР.
На годишно ниво, новата пречистителна станица ќе третира 51,3 милиони метри кубни непреработена отпадна вода. Прочистената отпадна вода, ќе се врати на безбеден начин во животната средина, со што значително ќе се намали нивото на загадување на реката Вардар и ќе се подобрат екосистемите и средината на живеење.
Пречистителната станица ќе покрие девет од десетте скопски општини и ќе биде со капацитет до 650.000 лица, имајќи предвид дека се очекува зголемување на популацијата во градот. Проектот ќе има бенефит и од техничката поддршка обезбедена од ЕБОР за ЈП „Водовод и канализација“ Скопје.
Средствата од техничката помош ќе бидат искористени за воведување на програма за подобрување на перформансите за финансиското и оперативното работење и воведување на договор за јавен сервис, кои ќе бидат финансирани од Шведската меѓународна развојна кооперативна агенција. Во оваа техничка помош вклучена е и студијата за идентификување на приоритетни инвестиции во мрежата.
Акциониот план за зелени градови е дел од брзорастечката програма ЕБОР Зелени градови, со вредноста од една милијарда евра, и истата им помага на повеќе од 30 градови во земји каде Банката има инвестици, сé со цел да ја направи животната средина еколошки почиста. Програмата наоѓа начини за инвестирање во зелен транспорт, управување со вода и со отпад, или општо речено, се стреми да ги направи градовите подобри места за живеење. Таа нуди сеопфатен бизнис модел за зелен урбан развој, комбинирајќи стратешко планирање со инвестиции и релевантна техничка помош.
ЕБОР е главниот институционален инвеститор во Македонија. До денес има инвестирано над 1,9 милијарди евра во 124 проекти во земјата. Поддршката на инвестиции поврзани со животната средина е приоритет на Банката, бидејќи е еден од најактуелните предизвици со кои се соочува земјата.