Протест во Чаир- Властите да ја зголемат безбедноста во сообраќајот

Повеќе од два часа жителите на Чаир го блокираа патот, каде вчера во сообраќајна несреќа беа повредени три деца. Тие се револтирани што со години биле сведоци на грозни несреќи во овој дел од градот. Тие ги повикаа властите да ја зголемат безбедноста во сообраќајот.

– Јас сум тука од 1980 година, може би се десетици вакви несреќи што јас сум ги видел. Пешачкиот премин овде воопшто не се почитува. Овде имаше пазар … тука е парк, децата не можат да поминуваат од оваа страна, не можат да одат. Неколку пати тука се има случено, среде пешачки премин да ни прегазат деца, тоа се моите внуци, рече револтираниот граѓанин.

Од местото на несреќата, граѓаните се упатија кон зградата на општината, каде побараа средба со градоначалникот Висар Ганиу и најавија дека ќе побараат и средба со градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, доколку локалната власт не ги исполни нивните барања.

Трите малолетни девојчиња кои вчера биле удрени од автомобил се во стабилна состојба. Две девојчина имале скршеници на ногата, главата и градите, истите се оперирани и се во стабилна состојба. Третото кој се здобило со полесни повреди се очекува утре да биде пуштено на домашно лекување.

Извор: Алсат-М