Мета му ги кажал грижите на Сорос помладиот

Албанскиот претседател Илир Мета синоќа се сретна со Александар Сорос, потпретседател на фондацијата „Отворено општество“, по негово барање, јави дописничката на МИА од Тирана.

На средбата присуствувал и Анди Добруша, извршен директор на канцеларијата на Фондацијата за Албанија.

Претседателскиот портпарол Теди Блуши на Фејсбук напиша дека на средбата станало збор за повеќе прашања кои предивикуваат загриженост, меѓу кои и „напорите на Владата да ги зграпчи правосудните институции“.

– Претседателот Мета го запозна со неговите загрижености, кои ги кажа и на јавноста, пред се напорите на Владата да ги зграпчи институциите на правдата, а особено Уставниот суд. Исто така, го запозна и со влошувањето на слободата на медиумите и за потребата од ревитализација на граѓанското општество во заштита на демократските вредности и човековите права, напиша Блуши.

Александар Сорос не ретко престојува во дел од земјите од Балканот, вклучително и Албанија, но најчесто се среќава со премиерот Еди Рама.