Бројот на жртвите од вулканската ерупција на Нов Зеланд се искачи на 17

Бројот на загинатите во вулканската ерупција на новозеландскиот Бел остров се зголеми на 17 жртви, објави во понеделникот радиот Radio New Zealand, повикувајќи се на полицијата, коригирајќи го претходниот податок за 16 смртно настрадани во стихијата.

Како што пренесе радио станицата, еден од настраданите во ерупцијата починал во болница.

Ерупцијата на вулканот на Белиот остров во заливот Пленти, на 270 километри јужно од Окленд, се случи на 9-ти декември. Во моментот на природната стихија на островот и неговата најблиска околина имало 47 лица, од Нов Зеланд и туристи од Австралија, Велика Британија, САД, Кина и Малезија.

Веднаш по ерупцијата властите објавија за девет жртви, а подоцна уште едно лице почина во болница. Првично уште осум лица беа прогласени за исчезнати. Во текот на операцијата за потрага и спасување, којашто поради безбедносни причини започна на 13-ти декември, на островот беа откриени тела на шест жртви. Така, уште две лица се водат како исчезнати.

Белиот остров, односно Вхакаари на маорски јазик, се наоѓа во Пацифичкиот огнен прстен, подрачје во кој се случуваат најголемиот број силни земјотреси и вулкански ерупции на планетата. Вулканот на Белиот остров е еден од најактивните вулкани на Нов Зеланд и е истовремено популарна туристичка дестинација и најпосетуван вулкански остров на светот. Иако почвата често трепери, последните ерупции се регистрирани кон крајот на 2012 и почетокот од 2013 година, последната смртоносна ерупција се случила 1914 година, кога загинале 12 рудари.