
Почесниот конзул на Латвија, бизнисменот Зоранчо Митровски, и сопственик на винаријата „Еземит“, во моментот сведочи на судското рочиште за случајот „Рекет“. Тој е повикан бидејќи, Бојан Јовановски, преку неговиот адвокат и кумашин, му побарал 2 милиона евра за да се спаси од истрагата за „Поштенска банка“ , во која и тој беше осомничен.
Митревски рече дека бил зачуден кога во медиумите слушнал дека е осомничен во случај на СЈО и кажа дека за непосредното барање пари од него, амбасадорот на Латвија го известил Министерството за надворешни работи.
„Побарав во СЈО да пријдам, прашам, за да не трпам повеќе штета. Компаниите секогаш се врзуваат со газдите. Бев зачуден кога се споменуваше цело име и презиме во медиумите. Нарушувањето на честа и угледот, не се надоместува. Кога СЈО не ме удостои да ме прими за да дадам документи и да престане голготата, започна контактирањето со мене, добронамерни посредници ми кажуваа дека не е страшно. Сето тоа го елиминирав, решив да одиме низ законска процедура“, рече бизнисменот Митревски.
„Стискавме палци дека СЈО ќе донесе правда во Македонија, а за мене се претвори во кошмар. Во ноември мислам дека ми пристапи адвокатот Сашко Бошков и ми кажа што му кажал Бојан Јовановски кој не беше опасност за мене, но сфатив дека приказната е многу поголема и сериозно се исплашив“, рече Митревски додавајќи дека го пријавил непосредното барање на пари од него кај амбасадорот на Латвија во Македонија. „Кога му кажав што се случило, беше непријатно. Амбасадорот го известил министерот за надворешни работи, по што замина од државата. Од Министерството пробаа да ме контактираат на непосреден начин, а јас одлучив дека нема потреба да разговарам со нив бидејќи контактот е непосреден“, рече Митревски.
Тој потенцираше дека не размислувал да даде 2 милиона евра, кои, како што кажа неговиот адвокат Бошков, му биле побарани од Бојан Јовановски за да запрат истрагите кои ги водело СЈО против него.
Додека траеше сведочењето на бизнисменот Зоранчо Митревски, обвинетиот Бојан Јовановски се смееше.