
Владата на вчерашната седница го усвои предложеното законско решение на Министерството за правда со кое одлуките од лустрацијата и правните последици ќе станат ништовни. Станува збор за Предлог – закон за огласување ништовност и поништување на правни акти, дејствија, мерки и правни последици од постапките за лустрација.
Со овој закон, како што велат од Владата, сакаат да исправат една долгогодишна неправда направена кон лицата кои беа жртви на постапките пред Комисијата за верификација на факти (по позната како Комисија за лсутрација) и други надлежни органи, за кои јавноста беше запознаена и преку случаите на нарачаните лустрации, споменувани во објавените телефонски разговори.
По сила на овој закон во целост стануваат ништовни сите правни акти, дејствија и мерки донесени односно преземени од Комисијата за верификација на фактите и други надлежни органи.
Воедно, Министерството за правда додава дека со овој закон во целост стануваат ништовни сите правни последици што ги произвеле правните акти, дејствија и мерки.
Од друга страна, оштетените лица од донесени акти и одлуки на Комисијата за верификација на фактите и други надлежни органи или нивните наследници, доколку тие се починати имаат право на надомест на штета со поднесување на тужба пред надлежен суд против Република Северна Македонија, согласно одредбите од Законот за облигационите односи, во рок од 60 дена од денот на влегување во сила на овој закон, соопштија од Владата.
И самиот премиер Зоран Заев се огласи на својот Фејсбук профил.
– Оваа Влада продолжува да исправа неправди! Нарачаните процеси од така наречената лустрација ќе останат само лоша меморија од времето на режимот. На денешната редовна седница го утврдивме текстот на Предлог-законот за огласување ништовност и поништување на правни акти, дејствија, мерки и правни последици од постапките за лустрација, нашиша меѓудругото Заев на својот Фејсбук профил.
Поранешниот прв човек на Комисијата за верификација на фактите Томе Аџиев вели за сите што беа лустрирани има судски одлуки.
„Ова е преседан во историјата правосудниот систем. Таква одлука се поништува со одлука на повисок орган, а не со закон. Тоа е тотално непознавање на правото. Мене ми личи на корупција, односно суета на политичка гранитура и задволување на ниски страсти, а во прашање се и пари. Некои предмети се потврдени и од страна Меѓунардониот суд во Стразбур“, истакнува Аџиев и поставува едно хипотетичко прашање: Што ако му текне на некого со закон да ги поништи сите кривични пријави?
Според него, целата работа ја туркаат синови и внуци на лустрираните кои се пикнати по институциите.
Најчудно е што тие што беа жртви на кодошењето ќе останат само жртви, а овие другите може и да бидат наградени од државата. Но, според Аџиев, никој не може да ја поништи и да избрише лустрацијата, затоа што голем број од жртвите си ги земале досиејата и точно знаат кои се кодошите
Како и да е лошата меморија си е лоша меморија! Што треба да кажат или да направат оние што беа жртви на кодошењето и на еден едноумен систем? Како таа меморија се ресетирала па ги избришала жртвите на комунизмот? Каде е тука правдата? Или, само нашата првада си е правда!
Што да кажат семејствата на познатите, но и на непознатиоте жртви на кодошењето како познатиот актер Ристо Шишков, Ѓорги Колозов, Симон Дракул, па Благоја Kорубин, Душко Наневски, Јован Поповски, Радован Павловски, Бранко Заревски, Миле Неделковски, Тома Шијак, Гане Тодоровски, Петре М. Андреевски, потоа Јован Котевски, Ѓорги Доцев и многу други.
Чија штета е поголема? Чии трауми се поголеми? Дали тие што страдале се поголеми виновници од оние што се офајдиле на нивна сметка и лагодно си го поминале животот?
Борбата за гола власт, како на државно ниво, така и вантрепартиско, се основниот мотив за правда според свое гледање на сметка на државата, но и повторно полненње на џебот на тие што печалеа на туѓата мака.
Кои беа лустрирани
Комисијата за лустрација има прочешлано илјадници тајни досиеја, а над 200 лица беа прогласени за поранешни соработници. Според законот, на овие лица им е забрането да работат во државни институции, но сега ќе можат да работат каде сакаат и плус да земат пари од државата.
Слободан Угриновски (член на Советот на Град Скопје и лидер на партијата Титови леви сили),
Вангел Гагачев (поранешен судија во Врховниот суд),
Николче Бабовски (кандидат за пратеник во Собранието на РМ),
Сејфедин Харуни (пратеник во Собранието на РМ),
Владимир Милчин (декан на Факултетот за драмски уметности),
Шабан Шеху (советник во Владата на РМ),
Јорданчо Чеврески (член на Советот на МРТ и декан на Факултетот за драмски уметности),
Махи Несими (амбасадор на РМ),
Фаредин Мифтари (заменик-директор на КПУ Затвор Скопје),
Зоран Јовановски (член на Совет на општина Росоман),
Коста Балабанов (член на Совет на Музеј на Македонија).
Трендафил Ивановски (претседател на Уставен суд),
Миленко Габер (поранешен директор на Заводот за вработување Берово),
Ѓорги Прцуловски (поранешен претседател на општина Ресен),
Михаил Андреев (поранешен директор),
Киро Јанчев (поранешен директор),
Бранко Темов (член на УО),
Петар Целакоски (поранешен директор на Дом на култура Битола),
Киро Дојчиновски (поранешен пратеник во Собранието на Република Македонија),
Стојан Чамински (поранешен секретар во СВР-СК),
Хисен Шаќири (новинар),
Мустафа Спахију (новинар),
Реџеп Златку, кој е лустриран по службена должност.
Љубомир Фишиќ, поранешен советник на републичкиот секретар за внатрешни работи,
Славе Рајовски, кој беше кандидат за советник во Општина Чучер Сандево,
Милован Стефановски, писател како поранешен член на Совет на радиодифузија,
Исак Ајрули, поранешен советник во Општина Боговиње,
Фередин Мифтари, заменик директор на Затворот Скопје,
Љубомир Фрчкоски, поранешниот министер за внатрешни работи и за надворешни работи,
Томе Серафимовски, академик и скулптор
Поранешниот министер за внатрешни работи Љубомир Фрчковски во периодот меѓу 92-ра и 95-та потпишувал докукенти за прислушување, кога беше министер, а законското оправдување за овие постапки на тајната служба бил законот за основите на системот за безбедност од 1984-та донесен во СФРЈ.
И покрај тоа што Македонија во тој период имала демократски Устав, се уште биле во сила комунистичките закони кои МВР ги користело за следење и прислушување. Меѓу оние за кои Фрчковски добивал информации од тајната служба или за кои потпишал решенија за следење било речиси целото тогашно партиско раководство на опозиционата ВМРО-ДПМНЕ меѓу кои и пратеници на ВМРО-ДПМНЕ во тој парламентарен состав. Биле следени и бизнисмени, професори, сметководители, дури и еден лектор за кого службата сметала дека е руски шпион.
Во решенијата за следење за речиси сите граѓани стоело дека следењето се применува бидејќи со своите активности можеле да ја загрозат безбедноста на државата и работеле спротивно на Уставот на Република Македонија. Покрај досието на Фрчковски, комисијата за лустрација ги објави и решенијата за лустрирањето на професорот Ѓорѓи Тоновски и поранешниот претседател на скопската комунистичка организација Петар Карајанов.
И академикот Божин Павловски беше лустриран, при што во решението кое што Комисијата го објави тогаш на својата веб страна стоеше дека во Управата за безбедност и контраразузнавање при Министерството за внатрешни работи постои електронски запис дека во 1986 година Павловски бил ангажиран за соработка.
Според документите што беа објавени во тој период, а ги пренесоа повеќе медиуми, тој ги кодошел Петре М. Андреевски, Љубиша Георгиевски, како и Гане Тодоровски и Симон Дракул.
Ѓунер Исмаил, поранешен министер за култура, од Комисијата за верификација на факти е лустриран како соработникна тајната полиција на Југославија за периодот додека работел како професор по марксизам и смоуправување во Трговскиот училишен центар во Скопје, а негови жртви биле учениците на кои им бил класен раководител.
Во документите, според кои беше лустриран Ѓунер Исмаил, може да се забележи дека неговите жртви биле осудени заради пеење песни во 1981/82 година. И покрај тоа што Ѓунер Исмаил не разбирал албански, како што е запишано во неговата изјава која ја дал пред службеникот на СДБ, тој заклучил дека децата во Трговскиот училишен центар пееле националистички и иредентистички албански песни и истите биле иследувани по линија на албански национализам и иредентизам – линија АНИ.
Првите жртви на Ѓунер Исмаил биле 4 негови ученици: Шаќир Ибадет, Иљаз Љута, Хаскал Незахат и Рамазан Шаќири, сите на 16 и 17 годишна возраст.
Ристо Шишков осуден за македонски национализам, по излегувањето од затвор починува
Приказаната на жртвите е сосема поинаква од онаа на лустрираните. Трагедијата на Шишков е само еден сегмент од многу страдања
Во 1979 година, накодошен, бил обвинет од тогашните власти за навреда на ликот и делото на Јоспи Броз Тито и осуден како македонски националист, сепаратист и хегемонист на 15 јануари 1980 бил однесен во затвор.
Во Музејот на македонска борба Шишков е претставен како седи во кафеана и тоа во моментот кога со тупаница ја крши сликата од Тито на маса! Фигурата е веројатно изработена според познатата и никогаш до крај точно непотврдена приказна за Шишков, дека наводно ја скршил сликата од Маршалот. Поради таквите случувања кои се одвивале за време на снимањето на „Време, води“ на Бранко Гапо, Шишков беше осуден. Прво, во 1979 беше обвинет за навреда на српски и хрватски артисти, исто како и на Тито, по што е осуден од Окружниот суд од Битола на 90 дена затвор, по однос на двата прекршока, но по вложената жалба пресудата е скратена на два месеца, казна која Шишков ја одлежува во почетокот на 1980 година. Веројатно од многу поголема казна го спасуваат адвокатите со образложението дека велел „ј***м ти то“, а не „ј***м Тито“.
Другиот дел од приказната вели дека на снимањето во селото Ташмаруништа во Струга на филмот „Време, води“ по испиена поголема количина алкохол за време на снимањето и по него ги навредувал хрватските и српските колеги со зборовите “Што барате во Македонија да доаѓате за дневници, ајде сите назад”. Шишков бил испровоциран и од коментарот на колегата Звонко Лепетиќ: „Како можат овие Македонци да живеат како Цигани“. На тоа Шишков реагирал бурно и му рекол да не дава такви изјави бидејќи во моментот македонската мајка која ги храни во трошна куќа во Ташмаруништа не го заслужува тоа.
Интересно е што по издржувањето на затворот, Шишков ниту правно ниту политички не трпи никакви импликации од тогашната власт. Потоа две години не игра, за во „Лет во место“ во Кумановски театар да направи улога за награда на фестивалот „Војдан Чернодрински”, која, како што се раскажува, му е одземена со чудна одлука.